АМЕРИКАНСКА ПИТА ОД ТИКВА


Следам блогови за растителна исхрана од целиот свет, но најмногу од САД. Американските блогери овој тип на исхрана го имаат доведено на исто ниво како конвенционланата, односно скоро и да нема некој познат или нивни традиционален рецепт што не е претворен во милион растителни варијанти.

Amerikanska pita od tikva01.JPG

Се прашувам, зошто ние ретко се трудиме нашите традиционални рецепти да ги трансформираме во некоја поздрава варијанта и за тоа да пишуваме, да објавуваме фотографии и да дискутираме? Ама тоа е некоја друга тема.

Нова Година ми е период кога сакам да испробам нешто што долго време чекало ред во фолдерите, па не сум го испробал или затоа што барало многу работа или затоа што ретко ги имам на лагер продуктите што се предвидени. Кога ја направив оваа варијанта на американската „Пита од тиква“ сфатив дека непотребно и овој рецепт сум го ставал во двете категории, зашто се работи за доста едноставна процедура без некои фенси додатоци.

Што ме натера да правам баш американска пита од тиква? Цела сезона додека има тикви упорно по блоговите се објавуваат некакви варијации на основниот рецепт, но никој не ми изгледал многу интересно, се додека не наидов на книгата Plant- Powered Families на Дрина Бартон. Таа има направено свое гледање на овој традиционален американски десерт. Штом го видов, го ставив на декстоп за да ми стои пред очи, да не биде поттурнат од поновите рецепти, и конечно за Нова Година му дојде редот.

Дрина Бартон е генијалец за растителна исхрана. И се воодушевувам, како со секоја книга станува се подобра и ми се допаѓа што избира вистински продукти, односно не потпаѓа на искушението да си го скрати патот до посакуваниот резултат со помош на некои вегански путери, маргарини, вегански меса, масла или некои состојќи што се лоша копија на конвенционалните оригинали.

Така, во случајов има создадено одлична пита од тиква која ги поседува истите карактеристики како и обичната, односно има цврста основа и кремасто полнење.

Додека се уште може да се најдат тикви, побрзајте и направете го овој десерт, нема да ви одземе многу време.

Amerikanska pita od tikva02.JPG

Американска пита од тиква

Основа:

2 чаши крупни овесни снегулки

1/2 чаша урми

1/3 чаша путер од бадеми (по можност домашен)

1/8 мала лажица морска сол

2 големи лажици растително млеко (или повеќе, ако тестото не се спојува)

Полнење:

420 г испасирана тиква (претходно сварена на пареа или печена)

110 г индиски ореви

80 мл растително млеко

120 мл + 1 голема лажица агаве

1 голема лажица сок од лимон

1 голема лажица пченкарен скроб

1 1/2 мала лажица цимет

1/4 мала лажица морско оревче

Прстофат мелено каранфилче

1/2 мала лажица екстракт од ванила

1/4 мала лажица морска сол

amerikanska-pita-od-tikva03

Опис:

  1. Во фуд-процесор мелете ги овесните снегулки, урмите и солта за основата. Мелете додека да добиете смеса со ситни парченца.
  2. Додадете го путерот од бадеми и мелете уште минута. Додадете го и млекото и мелете додека да добиете леплива смеса (треба да се лепи кога ќе ја притиснете меѓу прстите). Ако смесата не се соединува може да се додаде уште малку млеко. Не би требало да ви требаат повеќе од дополнителни 3-4 мали лажци.
  3. Смесата за основата се префрла во калап за пита или за торта обложен со хартија за печење. Јас немам калап за пита и употребив среден калап за торта со пречник 20 цм. Целата смеса со прсти подеднакво распоредете ја на основата и нагоре по страните од калапот.
  4. Во брз блендер (во обичен ќе ви треба повеќе време) мелете ги сите состојќи за полнењето додека да се добие мазна структура.
  5. Кремот за полнењето истурете го во основата за питата и претпазливо распоредете го подеднакво на сите трани.
  6. Питата печете ја на средина на рерната, 10 минути на 200°Ц, па намалете ја температурата на 180°Ц и печете уште 25 минути. За тоа време кремот би требало да е зацврстен. Средината можеби се уште ќе биде малку мека, но откако ќе се излади ќе се зацврсти.
  7. Питата извадете ја од калапот и почекајте убаво да се излади, па можете да ја сечете. Се сервира самостојно или со топка сладолед.

Американците се мајстори за брзински рецепти без многу комплицирања. И овде од едноставни состојќи се добива прекрасен десерт што ќе натера да пробаат тиква и оние кои не се некои големи љубители.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: