САЛАТА СО ФИДЕ ОД ЗЕЛЕНЧУК


Салата со фиде од зеленчукМи помина еден подолг период во кој се посветив на мојата втора професија, преведувањето. Ова беше за да се оправдам зошто ме снемува од време на време. Завршетокот на овој период сакав да го прославам со пост за мојата омилена салата во последно време. Прво, морам да ви раскажам како се создаде салатата.

Моја главна инспирација повторно беше составувањето брз оброк за сите оние кои не сакаат да поминуваат многу време во кујна. Ме инспирираше и зеленчуковата паста која е доста популарна во raw food светот, а за чие создавање потребно е да имате специјална направа, наречена Спирализер. Јас, како и веројатно повеќето од вас, немам такво чудо, но затоа имам фуд-процесор со кој во пакет оди ситно ренде кој зеленчукот го дроби како фиде, а ефектот е сличен. На крајот на краиштата, истиот ефект на зеленчуково фиде може да се постигне и со не многу ситно ренде.

 Првично кога почнав да ја правам салатата имав намера да ми биде придружба за нешто што ќе го зготвам, но откако и додадов некои посодржајни компоненти како авокадо и пченка, сфатив дека е доволна и како самостоен оброк. Значи овде имате шарени шпагети (или поточно фиде) од зеленчук, авокадо како замена за путер, а бидејќи шпагетите класично одат со сирење, овде си додаваме нутритивен квасец кој ќе ни донесе сличен вкус. Нема холестерол, нема тесто, односно глутен, а нема ни концентрирани масти. Здравје во една чинија.

Салата со фиде од зеленчук

Салата со фиде од зеленчук

Состојки:

1 поголема трупка цвекло

2 средни моркови

½ тиквичка

1 пашканат

½ авокадо, исечкано на мали коцки

1 младо кромитче, ситно исечкано

1 младо лукче, ситно исечкано

1 рака суво грозје

½ чаша варена (замрзната) пченка

Сол и црн пипер

1 – 1 ½ голема лажица нутритивен квасец (не е задолжителен)

 Сос:

1 мала лажица мед

1 мала лажица сенф

Сок од половина лимон

Малку вода

Опис:

1. Цвеклото, морковот, тиквичката и пашканатот се лупат (ако не се органски) и убаво се мијат, а потоа се рендаат на стино ренде од фуд процесор или на рачно ренде.

2. Се додаваат авокадото, кромитчето, лукчето, сувото грозје и пченката и сѐ убаво се меша.

3. Се додаваат солта, црниот пипер и нутритивниот квасец и салатата повторно се меша.

4. Сосот најдобро ќе го потготвите ако медот, сенфот и лимонот ги ставите во шејќер за кафе или во мала тегла и убаво ги проклацкате. Додадете вода во зависност од тоа каква густина сакате да постигнете со сосот.

5. Салатата и сосот убаво промешајте ги за да се искомбинираат вкусовите.

И толку! Наједноставно на цел свет. Само да спомнам дека овие мерки се основата за салатата, односно лесно може да варираат. Ако сте погладни додадете повеќе пченка и, можеби, цело авокадо. Ако сакате самата салата да изгледа пообилно, место едно ставтете две цвекла или вметнете уште некој морков. Јас понекогаш во оваа комбинација сакам да ми доминира тиквичката, па рендам цела тиквичка. Варијации еден куп, само треба малку да се пушти фантазијата да си го сработи своето.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: