МАЛИЏАНО СО МОРКОВИ И ТИКВИЧКИ


Многу често се случува да испробувам некој рецепт и во текот на изведбата од предвидениот да заскитам во сосема друг правец. Во ваквите случаи на крај се добива сосема ново јадење, коe само потсетува на оригиналното. Ризикот е што во ваквите ситуации од премногу експериментирање, на крај може да си останете и без предвиденото јадење! За среќа со моево малиџано не беше таков случајот.

Првично овој рецепт го најдов на Јутјуб каналот на 8-ка и решив да го подизменам, односно да го изведам во варијанта во која состојките нема да бидат премногу термички обработени. Во фрижидерот за чудо имав само уште една црвена пиперка (најчесто ги имам повеќе, за резерва), која ја додадов и придонесе за убавиот вкус. Од крајниот резултат на крај, сепак, нешто ми недостасуваше, нешто што поинтензивно ќе ми ги заскокотка нервните завршетоци за вкус. Решение во таква ситуација – додавање сенф.  Добив мачкало кое многу ме потсетуваше на нашето малиџано, со таа разлика што ова малиџано е многу поздраво, не содржи препржен зејтин ниту измалтретиран зеленчук.

Малиџано со моркови и тиквички

Состојки:

1 тиквичка, средна големина

3 поголеми моркови

1 модар патлиџан

1 црвена пиперка

1 голема лажица мелено ленено семе

1 голема лажица сенф

3 чешниња лук

Неколку китки магдонос

Сок од половина лимон

Сол

Малиџано со моркови и тиквички

Опис:

1. Во загреана рерна на 200-220°Ц ставете ги да се печат модриот патлиџан и пиперката. Претходно на модриот патлиџан со нож направете му неколку рецки по должината за да не испука во текот на печењето. Печете 20-ина минути, односно додека да омекнат зеленчуците (внимавајте да не ги препечете).

2. Тиквичката исечкајте ја на мали коцкички и во тенџере, со затворен капак, пржете ја 3 минути во 3 лажици вода на не многу висока температура.

3. Морковите исечкајте ги на полукругови и 5 минути варете ги на пареа (како се изведува, видете подолу).

4. Лукот исечкајте го и истолчете го, а потоа оставете го 5 минути да отстои.

5. Изблендирајте ги морковите и тиквичката, а потоа додадете ги и модриот патлиџан и пиперката. Изблендирајте за да добиете мачкало.

6. Додадете ги лененото семе, сенфот, лукот, иситнетиот магдонос, сокот од лимон и солта.

***Варењето на пареа го изведувам со помош на тенџере, цедалка која одговара на отворот на тенџерето и капак соодветен за тенџерето. Во тенџерето ставам вода, која ќе допира до цедалката кога ќе ја ставам врз него. Чекам водата да зоврие, а потоа ја вметнувам цедалката и во неа зеленчукот. Варам така што одозгора поклопувам со капак за пареата да се врати во тенџерето. Вака зеленчукот добива доволно топлина за да омекне, а многу да не изгуби од хранливата вредност. Водата што ќе преостане од варењето има дел од хранливите состојќи што отишле во пареата при варењето, па затоа може да се искористи како бујон за супа или за блендирање мачкало, кога е потребна вода.

Секогаш најдобро е да имате замрзнато интегрален леб за да ви се најде кога немате многу време за готвење. Јас не јадам многу често леб, но често имам замрзнато парчиња за моментите кога добивам потреба од нешто намачкано (во чест на старите добри времиња). Ова малиџано може да заврши работа во ваква ситуација.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s